Харадинај не ја исклучува можноста Владата да падне

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај не ја исклучува можноста од распаѓање на владејачката коалиција, доколку партнерите продолжат да застапуваат спротивни ставови во однос на одлуката на Владата на Косово за такса од 100 отсто на увозот од Србија и од Босна и Херцеговина.

Запрашан од новинарите дали постои опасност коалицијата да се растури, Харадинај одговори дека „доколку политичките недоразбирања продолжат, тоа може да резултира и со други исходи“, а на прашањето колку е таа стабилна, одговори: „Толку колку што е“.

Косовскиот премиер изјавата ја даде на чествувањето кај споменикот на еден од основачите на Ослободителната војска на Косово (ОВК) Захир Пајазити, во центарот на Приштина, на 22-та годишнина од неговото загинување.

– Се наоѓаме во реални политички процеси и се е можно во неделите кои следат. Моја прва желба е оваа сабота да ги завршиме некои задачи кои се во интерес на државата, да се усвои буџетот, за да не ги оставиме наставниците и останатите без плати. Доколку политичките недоразбирања продолжат, тоа може да резултира и со други исходи, какви и да се тие. Тоа што е важно е дека воведувањето на таксата е суверена одлука на Косово, не е против дијалогот (со Белград), туку е одлучено така за да се побара од Србија да го смени односот кон Косово, изјави Храдинај.

Во врска со синоќешната средба на лидерите на партиите од владејачката коалиција и денешниот состанок на државниот врв со американскиот амбасадор во Приштина, Филип Коснет, на кои се разговараше за барањето на официјален Вашингтон за укинување на санкциите кон Србија и БиХ, Харадинај рече дека е разговарано „за сите предизвици кои стојат пред коалицијата“.

Тој остана упорен на ставот дека таската кон Србија не треба да се укине се додека Белград не ја признае независноста на Косово.

– Се бара таксата да се укине како можност за продолжување на дијалогот Косово-Србија, меѓутоа нема логика да се бара од Косово една таква одлука, порача Харадинај.

Шефот на косовската Влада рече дека ќе даде максимален придонес за постигнување на сеопфатен договор со Србија, но не по цена на размена на територии и формирање заедница на српските оптшини со извршни надлежности.