Харадинај не бил информиран за операцијата во која беа уапсени шест лица поврзани со Ѓулен

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај изјави дека не бил информиран за полициската операција, во која на Косово беа приведени шест турски државјани, за кои се претпоставува дека се поврзани со движењето на Фетулах Ѓулен, обвинет од Анкара дека стои зад обид за пуч во јули 2016 година.

Харадинај посочи дека се обидува да ја разбере „уставната и законската обврска на таа акција и нејасните работи околу неа“.

Претходно денеска беше соопштено дека при заедничка операција на турската разузнавачка служба МИТ и разузнавањето на Косово била разоткриена група од шест турски државјани, за кои се тврди дека се одговорни функционери на т. н. терористичката организација на Фетулах Ѓулен (ФЕТО).

Шестемина осомничени, кои биле поврзани со мрежата на училишта на Ѓулен, беа транспортирани во Турција со специјален авион и предадени на безбедносните служби.