Харадинај: Косово има подобри односи со Кина отколку со Босна и Херцеговина

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај изјави дека односите на Косово со Кина се подобри одошто со Босна и Херцеговина.

Во интервју за босанскиот весник „Аваз“, што го пренесоа косовските медиуми, Харадинај изјави дека „грешат многу оние кои мислат дека од непризнавањето на косовската независност губи само Косово“.

– Видете, нашите луѓе патуваат во Кина, Кинезите го признаваат нашиот пасош, дури и имаат свој конзулат тука (во Приштина). И, кога ќе погледнеме вака, Косово има подобри односи со далечната Кина одошто со соседната Босна и Херцеговина, изјави Харадинај.

Косовскиот премиер, сепак, не очекува дека наскоро може да се случи БиХ да го признае Косово.