Харадинај: Доцневме, затоа немаше прес конференција со Могерини

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај изјави дека во петокот во Брисел не одржал заедничка прес-конференција со високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ Федерика Могерини поради „доцнење“ и дискусии кои „одземале малку повеќе време“, а не затоа што таа се навредила поради неговото барање да се зголеми учеството на САД во дијалогот меѓу Белград и Приштина. Телевиозијата РТК2 пренесе дека Харадинај одржал прес конференција во Приштина по повод учеството на Советот за асоцијација и стабилизација во Брисел со Могерини.

„Објавивме заедничко соопштение, но немавме прес конференција затоа што доцневме. За некои теми се водеше дискусија на соодветен начин, така што ни одземаа малку повеќе време. Исто така ги известив европските функционери дека САД треба да имаат важна улога во процесот на дијалог“, рече Харадинај.

И портпаролката на Могерини, Маја Коцијанчич во петокот како причина за откажувањето на прес конференцијата ја наведе пренатрупаната агенда на високата европска претставничка. Меѓутоа, според извори на Радио Слободна Европа, кои биле на состанокот, атмосферата од самиот почеток била тензична и кулминирала во моментот кога Харадинај, наводно, побарал посилен ангажман на САД во дијалогот меѓу Белград и Приштина.