ХАГ: Продолжи изрекувањето на пресудите и по самоубиството на Слободан Праљак

Во Хашкиот трибунал за воени злосторства попладнево продолжи со читањето на пресудите на групата босански Хрвати обвинети за воени злосторства, откако Судот претходно ја прекина работата поради самоубиството на генералот Слободан Праљак.

Судијата Кармел Аџијус изјави дека осудениците имаат право на јавно читање на пресудата и дека тој е принуден да продолжи со рочиштето и покрај самоубиството на генералот Праљак, поранешен началник на Главниот штаб на Хрватскиот совет за одбрана.

Судот ја потврди пресудата од 20 години затвор на Праљак, на што тој изјави дека „не е воен злосторник“ и дека ја презира правдата на Трибуналот, по што испи течност од мало шишенце за кое рече дека содржи отров. Набргу потоа, хрватските медиуми јавија дека Праљак починал во болница. Судницата во која Праљак се самоуби е затворена од холандската полиција која врши истрага во самоубиството.

Трибналот ги потврди и казните од 25 години затвор на Јадранко Прлиќ, поранешниот премиер на самопрогласената Хрватска Република Херцег Босна, како и казната од 20 години за Бруно Стојиќ, кој за време на војната во БиХ бил началник на Одделот за одбрана и задолжен за повеќе единици на Хрватскиот совет за одбрана.

Жалбениот совет на Хаг денеска во рамки на пресудата за шестмината осомничени утврди дека постоел меѓународен вооружен судир во БиХ и состојба на окупација, а потврди и постоење на здружено хрватско злосторничко дејствување со цел етничко чистење во делови на БиХ.