Фудбал и диктатори: Мугабе „луд“ по Барса и Челзи, Гадафи за Ливерпул

Британскиот таблоид „Сан“ објави листа со озлогласени челници на држави и организации како фанови на фудбалски клубови. На неа, меѓудругите, се најдоа Осама бин Ладен, Моамер Гадафи, Ким Јонг Ун, Адолф Хитлер, Франко, Роберт Мугабе, Николае Чаушеску, итн.

Севернокорејскиот лидер, Ким Јонг Ун, на пример е голем симпатизер на Интер и Манчестер јунајтед. Тој, како што неодамна откри италијанскиот политичар, Антонио Раци, често знаел да биде на трибините на „Џузепе Меаца“ за време на студиите во Швајцарија пришто најомилен играч му бил Роналдо.

Роберт Мугабе или „месарот од Хараре“ како што го нарекуваат диктаторот од Зимбабве важи за голем поклоник на Барселона и на Челзи. И самиот во неколку прилики тврдеше дека ја обожува фудбалската игра.

„Голем фан сум на Барселона и на Челзи и секогаш навивач да постигнат гол. Кога гледам фудбал не сакам никој да ми пречи. Дури и мојата сопруга знае дека треба да се тргне бидејќи кршам се околу себе“, изјавил Мугабе во една ситуација.

Осама бин Ладен, пак, бил страствен навивач на Арсенал. Најпознатиот терорист на модерното доба мина дел од животот во Лондон и бил чест гостин на „Хајбери“. Наводно и неговите деца ја продолжиле традицијата да навиваат за „топчиите“.

Премиерлигаш бил при срце и на Моамер ел Гадафи. Поранешниот либиски претседател, кој го загуби животот по падот на градот Сирт, навивал за Ливерпул. Меѓу неговите лични работи по смртта, наводно, е пронајдена шолја со грбот на „црвените“ од „Енфилд“. Во професионалниот фудбал се обиде и неговиот син Ал-Саади како играч на Сампдорија, на Перуџа и на Удинезе, но без особен успех.

Поранешниот шпански диктатор Франко најпрво го симпатизирал Атлетико М., но откако Реал почнал да освојува титули сменил клупски бои и се придружил на „белата страна“ на Мадрид.

Екс лидерот на Романија, Николае Чаушеску, кој беше застрелан заедно со неговата сопруга, беше обожавател на Стеауа чиј газда и беше. Вестите од тоа време укажуваат дека имал голема улога во трансфер политиката на клубот што меѓудругото се однесува и на Георге Хаџи од Спортул кој против своја волја станал член на екипата од Букурешт. Стеауа беше доминантна во домашната сцена во осумдесетите години од минатиот век, а во 1986 година успеа и до трофејот во тогашниот Куп на европски шампиони (КЕШ) по победата над Барселона.

Кога е Адолф Хитлер во прашање, никој досега не одговорил за кој клуб навивал најпознатиот фашист во светот. Постојат само шпекулации дека бил фан на Шалке, а во основа на поврзаноста се шесте освоени титули на клубот од Гелзенкирхен во период на Третиот рајх.