Фрчат огласи за државни вработувања

Продолжува трендот на нови вработувања во државната администрација. Само во последните неколку дена објавени се огласи за нови вработувања во Владата, во неколку јавни институции, државни фирми и општини.

Најголем дел од новите огласи се за привремени вработувања преку авторска агенција, а дел за продолжување на договорите на определено време од една година на веќе вработени лица.

Рекордер според бројот на лица што ќе се вработат преку оглас е јавното претпријатие „Македонски шуми“. Според огласот, се бараат 325 работници на определено време од кои 216 сечачи и 109 дотурачи кои ќе бидат вработени до крајот на годината. Платата на сечачите е 14.490 денари, а на дотурачите 13.050 денари. Досега „Македонски шуми“ ангажираше надворешни компании за сечење и транспорт на дрва и за тоа плаќаше до 13 милиони евра годишно.

Инаку, во октомври 2013 година беше спроведена лотарија за вработување во „Македонски шуми“, при што беа примени 1.600 лица од вкупно 20.000 ангажирани во ова јавно претпријатие кои потоа беа распределени во јавната администрација. Сега во 30. подружници на „Македонски шуми“ има околу 2.500 постојано вработени.

Неколку дена претходно и Јавното претпријатие за државни патишта објави оглас за привремено вработување на 93 лица, од кои 74 се инкасанти на патарините. Објаснувањето на директорот Зоран Kитанов беше дека биле принудени да распишат оглас по скратена постапка за времено вработување бидејќи на претходно вработените договорите на дело им завршиле пред Нова година и има опасност патарините да останат без инкасанти.

Оглас за вработување на шест лица објави и државната компаниja М-НАВ. Се работи за шест советници на неопределено време, додека државната компанија ЕЛЕМ објави оглас со кој на неопределено време бара да вработи советници, референт и директор.

Поради зголемениот обем на работа, оглас за вработување објави и Јавното обвинителство кое сака да ангажира 32 лица на определено време до крајот на годината. Зголемениот обем на работа е причината и за огласот на

Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР) со кој на определено време се бараат пет возачи и тројца келнери.

Сѐ почести се и огласите на државните институции, Владата и министерствата за услуги за привремени вработувања од авторски агенции. За годинава планирани се значителни суми за вработување во повеќе институции. УЈП ќе потроши околу 115.000 евра за привремени вработувања, а Катастар 30.000 евра. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, пак, преку огласот за привремени вработувања планира да потроши 130.000 евра, при што половината од оваа сума ќе ја плати Владата.

Огласи за привремени вработувања објавија и неколку општини кои преку авторски агенции имаат потреба за ангажирање лица на определено време. Општина Пробиштип и Општина Ново Село за привремени вработувања годинава планираат да потрошат 16.000 евра, а Општина Кривогаштани 14.000 денари за истата намена.

Полнењето на администрацијата не престанува и покрај сите оценки дека во неа има превработеност и дека е сериозен товар за буџетот. Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски пред десетина дена изјави дека нема да има отпуштања во јавната администрација, а вработување ќе има согласно потребите.

Според него, веќе има природен одлив од администрацијата, односно намален е бројот на вработени, а точниот број ќе се знае во март кога Министерството законски треба да даде извештај за вкупниот број вработени во претходната година.

Александра Спасевска