Францускиот премиер се правда за летот што го плати со државни пари

Францускиот премиер Едуар Филип, чија влада ветуваше „чистење“ на политиката, беше присилен денеска да ја брани својата одлука да изнајми приватен авион за 350.000 евра за да се врати дома од Јапонија.

Опозицијата го осуди тој потег на Филип, а невладина агенција, која прогонува финансиски криминал на високи позиции, го обвини за игнорирање на владиното ветување за добро однесување.

Филип рече дека тоа морал да го направи.

– Целосно го разбирам изненадувањето и прашањата на францускиот народ. Знаевме дека нема комерцијален лет во време кога требаше да се вратиме, но знаевме дека мора да се вратиме, бидејќи претседателот патуваше в среда наутро, изјави Филип за РТЛ.

Тој додаде дека е правило еден од двајцата државници, или премиерот или претседателот, да биде во државата.

– Преземам целосна одговорност за таа одлука, додаде францускиот премиер.