Франција и Германија за заедничка европска војска: „Дојде време за јакнење на Европа“

Франција и Германија се заложија денеска за заедничка европска војска порачувајќи дека одбраната на Европа не смее да зависи од САД.

ЕУ лани постави темели за Европска одбранбена унија, а двете главни членки Германија и Франција сакаа со време да прерасте во заедничка армија способна за одбрана на европските граници и учество во меѓународни мисии.

– Сакаме да останеме трансатлантски, но повеќе европски, изјави германската министерка за одбрана Урусла ван дер Лајен на конференцијата а безбедност во Минхен.

– Сакаме да работиме на армија на Европа. На Европејците им треба Европа што ќе ги штити своите граѓани, додаде таа.

Нејзината француска колешка Фоларанс Парли нагласи дека сојузот со САД особено во НАТО, нема цена, но дека дошло време за јакнење на Европа.

– Европа не е луксуз, туку должност. Но, ја оставивме на бирократи и тиранија на консензус…Време е за будење, мора да ја оживееме тој убав збор – Европа, потенцираше таа.

Според неа, успехот на европската одбрана не лежи во институциите туку во нејзините конкретни мисии.

– ЕУ мора да биде способна да интервенира без да ги вика во помош САД, нагласи француската министерка.