(ФОТО) Хворостовски е една од најголемите ѕвезди што настапиле на Охридско лето

Дмитри Хворостовски ќе остане запишан во фестивалската историја како еден од најголемите ѕвезди кои настапиле на сцената од Охридско лето, соопштуваат од фестивалот и изразуваат жалење за неговата смрт.

„Големите личности секогаш имале посебно место на сцената на Охридско лето. Вечно ќе му бидеме благодарни на овој музички гениј, кој на отворањето на Охридското лето во 2013 година, одржа спектакуларен концерт во Античкиот театар. Воодушеви со неговата скромност и харизма. Без посебни специјални барања, освен во неговата соба да нема цвеќиња со интензивен мирис“, велат од Охридско лето.

– Македонската публика е многу топла и пријателска. Бев многу среќен што пеев на оваа сцена, возбуден од целата убавина што ме опкружува. Сигурно пак ќе дојдам со моето семејство – изјави Хворостовски по концертот во Охрид каде пристигна заедно со синот Максим . Уживаше во секој миг додека престојуваше во градот. Воодушевен од прекрасниот поглед на езерото рече дека глетката е доволна за да се чуствува како во рајот. Не ми треба ништо друго. Доволно е ова место за да ја имам врската со бога, рече тогаш славниот уметник.

Светската оперска легенда Дмитри Хворостовски, кој ќе остане запишан како еден од најголемите звезди во фестивалската историја на Охридско лето утрово почина на 55 годишна возраст во неговиот дом во Лондон.

„Во името на семејството Хворостовски, со голема жалост објавуваме дека почина Дмитри Хворостовски – сакан баритон, сопруг, татко, син и пријател. Тој почина мирно утрово, опкружен со семејството во близина на неговиот дом во Лондон. Нека топлината на неговиот глас и дух секогаш бидат со нас“, објави семејството.

Во 2015 година му беше дијагностициран тумор на мозок. Легендарниот пејач се врати на сцена кратко по првата сесија со терапија во септември 2015 година. Заедно со рускиот сопран Ана Нетребко, изведе делото „Трубадур“ од Верди, во Метрополитен операта во Њујорк. Кога Хворостовски излегол на сцена, салата еруптирала од аплаузи.

Хворостовски е еден од најпопуларните оперски ѕвезди, кој настапувал на најголемите светски сцени и со најпознатите солисти и диригенти.

Роден e во Краснојарск, Сибир, Русија на 16 октомври 1962 година. Во 1989 година ја освоил престижната награда „Кардиф“ на светски натпревар. Од почетокот на неговата кариера, публиката беше одушевена од неговиот култивиран глас, природното легато. По оперското деби на Запад, во операта во Ница со „Пикова дама“ на Чајковски, неговата кариера доживеа врв во најголемите оперски куќи и фестивали, меѓу кои Ројал опера хаус, Ковент гарден, Метрополитен, Париската опера, Миланска Скала. Станал првиот оперски пејач што настапил соло со оркестар и хор на Црвениот плоштад во Москва, концерт пренесуван во повеќе од 25 држави.