(Фото) Стил во фокусот: Тереза Меј донесе елеганција во Скопје

Елегантна, а не ексцентрична како што ја знае светот, беше британската премиерка Тереза Меј при кратката посета на Македонија. Прагматичната политичарка која милува да носи чевли со тигреста шара – во Скопје избра стилизиран костум со панталони во тегет боја и елегантни балетанки во истиот тон со украсна тока. Од накит бисерен ѓердан и обетки  и необична разнобојна алка.

Тереза Меј е прв премиер од Велика Британија што во последните 25 години ја посетил Македонија. Освен значајните разговори со државниот врв и сообраќајниот метеж што ја предизвика нејзината неколкучасовна посета во Скопје, во фокусот на јавноста беше и нејзиниот стил. Не случајно. Меј важи за европска политичарка со нај стил.

Шери Блер ја имаше стилистката Керол Кеплин, Саманта Камерон ги слушаша гламурозните совети на Изабел Сперман, додека Маргарет Тачер зависеше од директорката на нејзината омилена модна продавница „Aquascutum”.

Со кого се консултира за модата актуелната премиерка, се прашува и британската јавност.

Изгледа со никого, тврдат британските медиуми. Меј има специфичен стил кој варира од карирани панталони до фустани на Роланд Муре. Се знае дека има своја посебна продавница во која знаат што сака и и се јавуваат кога ќе дојде некое нејзино омилено модно парче.

Не купува во Лондон туку во малиот независен бутик „Флуидити“ во Хенли.Хенли е познат по веслачка регата  и по литературниот фестивал, отколку по модата, но бутикот привлекува богати мајки , бизнисменки и префинети постари госпоѓи.

Меј не носи светли сакоа, како германската канцеларка Меркел, ниту костуми како Хилари Клинтон. Носи фустани на Муре и на „Макс Мара“, свечени тоалети и светли капути.

Претплатена е на „Вог“  и со задоволство ја  посетува Модната недела во Лондон.

Лејла Сабит   Фото: Борис Грданоски