(Фото) Стил во фокусот: Виорика Данчила донесе елеганција во Скопје

Елегантна, во полетен темносин фустан и високи потпетици беше романската премиерка Виорика Данчила (54) при еднодневната посета на Македонија. Пред платото на Владата, денес, на официјалниот, свечен пречек, на долгиот црвен килим, во елеганцијата ја следеше и македонскиот премиер Зоран Заев кој исто така избра вратоврска и костум во омилената темносина боја.

Интересен избор на првата премиерка во историјата на Романија, од јануари, годинава, која за официјалното патување во Скопје, ја избегна комбинацијата на костум со здолниште или панталони, најсигурна и најсоодветна во дипломатските кругови, каде што се почитува начелото помалку е повеќе.

Данчила, очигледно е од оние европски политичарки кои не се држат строго до дипломатскиот дрес-код, и на елегантната гардероба и даваат личен печат, најчесто во изборот на модните детали. Кај романската премиерка тоа се брошеви, како кај поранешниот американски државен секретар Медлин Олбрајт, но и обетки, со беспрекорна шминка и фризура.

Романската политичарка, која е мајка на еден син, на официјални средби дома и во странство, исто така, избира елегантни комбинации, најчесто со здолниште и во најразлични бои, зависно од пригодата. Во странство во црна или во понеутрални бои, а во Романија и во бела, црвена или розова боја.

Лејла Сабит