(Фото) Среќен роденден Мадона!

Португалија– Поп-ѕвездата Мадона, хороскопска Лавица, денес полни 6о години.Музичкиот и моден камелеон уште го има истиот сјај и жар во очите, но и кариера и тело на кои можат да ѝ позавидат колешки двојно помлади од неа.

Непосредно пред 60-тиот роденден, Мадона реши да сними едиторијал во својот нов дом во Португалија за италијанскиот „Вог“. Музичката ѕвезда во сликите е овековечена во својот домашен амбиент а на некои од фотографиите таа позира и со нејзините дечиња – Естер и Стела, ќерката Мерси и синот Дејвид.

Во интервјуто таа вели дека ја одржува љубовта и ангажманите околу децата, како и несопирливата желба за нови предизвици. Откри и зошто се преселила во Португалија.

-Фудбал. Мојот син Дејвид, кој ќе наполни 13 години на 24 септември, со години сака професионално да игра фудбал. Очајно се обидував да му најдам најдобри академии со најдобри тренери, но нивото на фудбалот во Америка е многу пониско од остатокот од светот. Го гледав дека е фрустриран и сметав дека е вистинско време. Чувствував дека ни треба промена и сакав накратко да избегам од Америка – како што знаете ова не е најсветол период за Америка. Сум живеела и на други места. Живеев во Лондон 10 години. Сакам да се ставам себеси во некомфорни ситуации и да преземам ризик – изјави таа.

Мадона својот 60. роденден ќе го одбележи и со акција за собирање на средства за децата од Малави, која започна минатиот месец и ќе трае до 31-ви август, а ќе биде спроведена во соработка со Фејсбук. Заинтересираните можат донациите да ги уплатат директно преку нејзината официјална страница на оваа социјална мрежа, а собраните средства ќе бидат наменети за фондацијата „Рајзинг Малави“.

– Посветена сум да им обезбедам дом на овие загрозени деца. За мојот роденден не можам да замислам подобар подарок, истакна Мадона.

Поп-ѕвездата и хуманитарка посвои четири деца од Малави, а фондацијата „Рајзинг Малави“ ја основа во 2006 година. Средствата кои ќе бидат собрани, ќе бидат искористени за храна, училишна опрема и за здравствена заштита за загрозените деца од оваа африканска држава.