(Фото) Сe омажи Лора, ќерката на Сузана Турунџиева

По еден месец од свршувачката, водителката,а сега деловна жена Сузана Турунџиева, вчера,  на Успение на Пресвета Богородица, ја омажи ќерка си Лора (18).  Матурантката, среќната вест и фотографии од свадбата во Скопје, сподели на социјалните мрежи. Избраникот е Филип Наунов (22), студент по медицина. Свадбата била во тесен круг на семејството, а двојката цела вечер пиела цедевита место шампањско. Стајлингот на венчаницата и на тоалетите  е на Соња Соник.

-Заедно се речиси една година. Многу се сакаат и прекрасно се надополнуваат еден со друг. За брак зборуваа и планираа уште од првиот ден. Тенџерчето си го најде капачето, ни изјави претходно среќната мајка Сузана.

Познатата водителка и писателка, пред свршувачката, со емотивна порака и се обрати на двојката преку социјалните мрежи.

„Животот никогаш не ми даде трошка време да се подготвам ни за тагата, ни за радоста. Нека биде радост! Доста беше тага. Лора и Филип, бидете големи и несебични во љубовта, добри и благородни во срцата и бидете ми светло во тунелот кое никогаш нема да згасне“, напиша Турунџиева.

Лора е постарата ќерка на Сузана, од бракот со пливачот Александар Маленко. Годинава  славеше матура и полнолетство. Планира образованието да го продолжи на еден од факултетите во Скопје. Сузана ја има и помалата ќерка Матеа (9) од вториот брак со бизнисменот Марјан Јовановиќ. (Л.С.)