(ФОТО) Привршува реконструкцијата на студентскиот дом „Гоце Делчев“

Влезот на студентскиот дом „Гоце Делчев“ наликува на градилиште. Ама внатре, во блоковите В и Г, сликата е поинаква. Реконструкцијата на блокот В е веќе завршена, а привршуваат и активностите во блокот Г, каде што и денеска мајстори работеа на првиот кат, ги молерисуваа ѕидовите на кои претходно била поставена изолација, а кои јавноста, особено студентите што престојувале таму, ги паметат по влагата и непријатниот мирис што се ширеше во собите и низ ходниците.

Поставена е целосно нова електрична и водоводна инсталација, блоковите се климатизирани, поставен е нов под, радијатори, обновени се собите, во тоалетите се ставени нови тоалетни школки, тушеви, огледала. Нови врати и прозорци, а извршена е и замена на старите лифтови со нови. Старите претставуваа голема мака за студентите особено при вселувањето во висококатниците од по 14 ката, бидејќи често се расипуваа, па беа принудени куферите да ги качуваат по скали. Носеа и греалки за во зимскиот период да се стоплат во студентите соби. Од осумдесеттите години е останат само бојлерот за санитарна топла вода. Останува уште да се објави тендерот за набавка на мебел по мерка за собите за овие блокови.

„Очекувам во текот на септември годинава да завршат активностите околу реконструкцијата на блоковите В и Г во студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје. Периодов Министерството за образование и наука ќе отпочне постапка за набавка на мебел за блоковите“, изјави министерот за образование Арбр Адеми.

Високите блокови В и Г не беа ставени во конкурсот за сместување на студенти, токму поради градежните активности кои уште се реализираат. Сместувањето ќе се врши само во реновираните блокови А и Б за каде се предвидени 608 места. Реконструкцијата на Блокот А завршија лани, а во блокот Б пред две години. За двата блока кои досега се обновени инвестирани беа 3 милиони евра, а со дополнителни 200 илјади евра, се изврши набавка на 50 машини за перење и 50 машини за сушење алишта.

Со реконструкцијата надлежните велат дека ќе се подобри студентскиот стандардот и младите ќе добијат пристојно сместување. Меѓутоа ќе имаат и обврска да не го оштетуваат инвентарот како што имаше случаи изминатите години. Директорот на Државниот студентски дом „Скопје“, Дарио Николовски, за „Независен весник“ вели дека за непринципиелните студенти кои ќе бидат сместени во домот ќе следуваат санкции.

„Досега генерално не бил почитуван тој сооднос студент со институција, во контекст на тоа дали инвентарот е сочуван како што и треба да биде. Кога ја презедов функцијата мојот став беше дека мора да имаме начин, ако сакаме добро да функционираме ние да градиме и реновираме, ама и студентите кои престојуваат во домовите да го чуваат инвентарот, да не го уништуваат, доколку не го чуваат да има санкции“, вели Николовски.

Рокот за доставување на документи за студентите од втора, трета и четврта година кои конкурираа за студентско легло во државните студентски домови заврши во петокот. Претходно се пријавуваат електронски, за што поднесени биле 2.650 апликации од студенти, велат од министерството. За академската 2018/2019 година во 13. студентски домови се предвидени вкупно 5.496 легла.

Конечниот список за прием на студентите од втора година и повисоките години ќе биде објавен на 31 август на огласните табли во студентските домови каде што конкурирал студентот и на интернет порталот www.konkursi.mon.gov.mk.

Електронското пријавување пак за студентите од прва година е од 7 до 14 септември. Конечниот список за прием на студенти од прва година ќе биде објавен на први октомври, за нив се обезбедени дури 20 отсто од вкупниот број на расположливи места. Инаку најмногу слободни легла се предвидени во студентскиот дом „Стив Наумов“, потоа во „Пелагонија“, па „Гоце Делчев“ каде што сместувањето ќе се врши само во реновираните блокови А и Б.
Вероника Мароска-Леова
Борис Грданоски-фоторепортер