(Фото) Иванна Хаџиевска, шефица на протокол на премиерот Зоран Заев: Хуманоста ми е пред политиката
Иванна Хаџиевска (30), некогаш познато ТВ-лице, а веќе девет месеци шефица на протокол на премиерот Зоран Заев. Културна, средена, ја интересира модата, ама активно се залага за децата со посебни потреби и за правата на животните. Сѐ уште не се гледа директно во политичката арена, знае кои ѝ се пријатели, иако и понатаму има ликови на кои може да се „лизне“ или да ја изненадат.
Специјалната фотосесија за „Независен весник“, која ја направивме во центарот на Скопје и во Градски парк, ја открива како млада дама која не сака стереотипи, сака свежина, повеќе бои, интересни детали и поинакви кроеви, во креации на омилената креаторка Тања Кокев.
Шефица си на протоколот на премиерот Зоран Заев? Што е твојата работа?
– Точно. На кратко, целта е организирање на сите потребни работи околу дневниот распоред на претседателот на Владата на РМ и како денот да заврши без ниту еден пропуст. Пред да почнам тоа не изгледаше дека ќе биде ни приближно толку комплицирано. Самата работа е предизвик, ама секогаш е добро да имам предизвик. Посебно кога ќе го совладам.
Протоколот треба да се грижи и за стилот на облекување на премиерот. Дали ја има таа функција и кој го советува премиерот на јавните настани?
– Нормално дека ја има, само да сме искрени стилот е решен по автоматизам и тука нема многу место за промени. Според правилата, дрес-кодот е дефиниран, а интервенција е дозволена само во детали, манжетни, вратоврски, чорапи… Главно работата во овој дел е кога има простор да се избере нешто поопуштено, смарт-кежуал или бизнис-кежуал, и ова честопати по барање на премиерот. Олеснителна околност во целата работа е што тој има вкус за облекување, па нема многу борба со него околу потенцијалните комбинации.
Како е да се работи за премиерот?
– Задоволство и предизвик веќе спомнав, она што е над овие две е одговорност. Тоа за што досега зборувавме, стил и облекување, се само една ставка од работните задолженија, ни приближно најизискувачка. Се обидувам да го најдам своето место меѓу обврските, како организирање настани, посети низ Македонија и средби во странство, приеми на гости и општо речиси секоја друга ставка од дневниот распоред. Гламур на ниво на ексел-документи и бескрајна редица мејлови и телефонски повици.
Како познато ТВ-лице, ова е сосема друга професија. Како се случи да се најдеш на оваа позиција?
– Друга професија, но не така далечна. Секој што работел каква било работа во телевизија знае колку има бркање организација зад камери. Пред воопшто да соработувам со премиерот, со СДСМ имав работено на неколку нивни кампањи. Кога дојде ред да се составува екипа околу новиот претседател на СДСМ, јас бев една од луѓето што ги контактираа. Ме прашаа за мои конкретни идеи и ставови околу работи во и надвор од партијата. Очигледно им се допаднав.
Следствено на ова, дали се гледаш во политиката?
– За градење на политичката кариера имам интерес во неколку области, но сѐ уште има време за мое директно учество. Сериозно и многу длабоко сум заинтересирана за помагање на децата со посебни потреби и за правата на животните, а како што гледам, без политика не може да му се помогне на ниту еден од нив. Тоа би била главната причина поради која би влегла во политиката.
Дали откако си на оваа функција чувствуваш дека си во центарот на вниманието? Се смени ли односот на луѓето кон тебе?
– Филтрирањето и избирањето друштво го научив уште во „телевизискиот живот“ како и проценување на намерите на најголемиот дел од луѓето, иако и понатаму има ликови на кои можам да се „лизнам“ или изненадам. Дел од мојата одбрана е што успеав да се опкружам со луѓе кои, како да ви кажам, не ни трепнаа кога пред пет години почнав да работам за Заев. Знам кој ме сака исто секој ден, каде и да сум, знам кому можам да му се јавам во секое време, кој ми е најдоброто друштво за смешки и најцврстото рамо за плачки, кој ќе ми „залепи шлаканица“ за да ме освести… така што најважно ми е да бидам во центарот на вниманието на тие со кои не штедам љубов.
Дали како шефица на протокол почитуваш протокол и за твојот изглед?
– Секако дека почитувам, но најчесто бегам од униформираност, не сакам стереотипи, сакам да внесувам свежина, повеќе бои, интересни детали, поинакви кроеви…
Како се облекуваш приватно? Што ти е битно? Дизајн, бренд, удобност…
– Во работава нема многу простор за „приватно облекување“. И во слободен ден или за време на викенд пак ме следи некој дрес-код, можеби само делумно олабавен. Најважно ми е да го сакам тоа што го носам, а најмногу сакам да носам Кокев, затоа што комплетно одговара на мојот карактер.
Настапи и како манекенка на Саемот на венчавки во Скопје и носеше венчаница на Кокев. Дали ти фали она време кога те имаше на билборди низ Скопје?
– Сето тоа било интересно и забавно и да можам да се вратам во тоа време пак би го направила истото. За среќа, не остана на исто ниво, и со одминување на годините предизвиците и обврските се сменија, па не е дека ме тресе некоја носталгија по 2-метарска верзија од мене кога ќе поминам покрај билборд.
Што те прави среќна?
– Ова можам во хаштази да го одговорам (се смее). Среќна ме направи чувството на добро завршена работа, ама и мирот на слободниот ден. Некое патување, прошетка во природа, животни… Интензитетот на насмевката ми се менува во текот на денот во зависност од тоа колку убави ликови ќе сретнам. Другарките што ме смеат до лудило, семејството… Проектот „Будење“ посветен на лицата со посебни потреби ми е постојана асоцијација за среќа и радост во најискрена форма.
Дали дома ги делите обврските на машки и женски со сопругот Влатко?
– Нормално дека ги делиме. На обврски што се завршени и обврски што Влатко треба да ги заврши.
Лејла Сабит Фото: Борис Грданоски