(Фото) „Златна бубамара на популарноста“: Музика, смеење, сеир и мода

Се смеевме, уживавме во добра домашна и регионална музика, пеевме на хитовите на сите генерации, аплаудиравме, свиркавме, бевме еуфорични, носталгични, гледавме кој како е облечен, кој со кого се поздрави, и кој дојде синоќа на 21. „Златна бубамара на популарноста“ во Скопје, годинава под мотото „За подобар живот“. Поради политичарите се паркиравме кај што стигнавме, цапавме во кал до ВИП Арената „Борис Трајковски“ ама еднаш годишно вреди. Публиката пак правеше седни, стани, а организаторот Ранко Бубамара неуморно се шеташе меѓу публиката, стокмен во костум со пеперутка вратоврска.

Беа доделени награди во 23 категории на познати личности од забавата,спортот, културата во Македонија и на Балканот, а на сцената продефилираа 350 пејачи, танчери, спортисти и најмногу-актери. Водителот Сашко Коцев беше брилјантен, ни беше жал што Игор Џамбазов имаше само една минута во програмата-ја потсети публиката на личностите со кои се збогувавме лани- Зоран Милосављевиќ, Саша Николовски – Ѓумар и Иван Карадак. Ни беше ќеф гостувањето на регионалните ѕвезди „Дубиоза Колектив“, Дадо Топиќ, и дел од „Нови фосили“ по 28 години во Македонија. На ѕвездата Маја Оџаклиевска која беше искрена и призна дека не ја исфарбала црвената коса,туку дека е горда на својата побелена коса. Еуфорија предизвика појавувањето на Кирил Поп-Христов- Кили на сцената, уште долго ќе се озборува длабокото деколте на поп-ѕвездата Дани, светскиот настап на Тијана и Тамара на диско музика и во диско стил, на скандирањето на песната „Ој Вардаре“ што ја изведоа фолк-ѕвездите Наум Петрески и Виолета Томовска и појавувањето на ракометарите на „Вардар“ на сцената како освојувачи на Лигата на шампиони, на автограмот што гитарската легенда Влатко Стефановски ја доби од Дадо Топиќ…

Дваесет и една година „Златна бубамара“ е најпрестижниот црвен ќилим во Македонија. Не е оној класичниот, како на гала настаните, туку се случува во холот, меѓу седиштата, на пауза додека трае програмата. Најоговарачко место. Да бидете видени и да видите. Своевидна модна писта. Среќавате и елита и обичен народ. И дами и девојчиња. И господа и мангупи. И миленици и спонзори.Ако најдете или добиете влезници за Златна бубамара, значи сте успеале во Македонија.

Л. Сабит  Фото: Б. Грданоски

Златна бубамара“ ги награди најпопуларните во 2017 година

Награда за животно дело за 42-те години музичка дејност доби вокалниот ансамбл – октет „Македонија“, за трајни музички вредности – поп-дивата Маја Оџаклиевска. За трајни вредности доби и групата „Нови фосили“.Награда „Бубамара“ доби Дадо Топиќ, „Меморија“ – награда за група на годината. Александар Микиќ и Нина Деан беа наградени за најдобар актер и актерка. За актерско откритие награда доби Благој Веселинов од „Исцелител“ кој, исто така, доби награда што е прво доделување награда за филм на оваа манифестација. „Вардарски пастуви“ – за  најдобра претстава, а „Мама миа“ – за мјузикл. Тијана Дапчевиќ беше наградена за мултимедијален уметник. Најдобри ТВ-серии во 2017 се „Фамилија Марковски“ и „Инсајдер“, две награди „Бубамара“ (за видеоспотот „Терориста“ и за интернационален успех) доби Марко Слаткар. „Фчерашни новости“ – за ТВ-забавно-сатирична емисија, за ТВ-емисија – „Еден на еден“, ТВ проект на 2017 е „Патот до успехот“. За јубилеј- Остен-Светска галерија на карикатури која слави 50 години од првата изложба. Тројца пријатели на „Бубамара“ кои починаа лани беа постхумно наградени – Иван Карадак, Зоран Милосављевиќ и Саша Николовски-Ѓумар.