( Фото) Дипломатска мода со европски шмек: Могерини и Хан одржаа лекција по стил

Федерика Могерини (44) и Јоханес Хан (60) донесоа добри вести за Македонија, но и европска елеганција на највисоко ниво. Високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ и еврокомесарот за официјалните средби со македонскиот државен врв избраа елегантни комбинации со европски шмек.

Могерини во црн костум со портокалови блузи во текот на дводневниот престој и ѓердан како моден додаток. Во портокалова боја беше и нејзиниот кармин наспрема ненашминканите очи и маникирот. Хан елегантен со кравата во светловиолетова пастелна нијанса и уникатни манжетни со знамето на ЕУ.

Италијанската политичарка, која е мајка на две ќерки, вообичаено избира комбинации на костум со панталони, најсигурен и најсоодветен во дипломатските кругови, каде што се почитува начелото помалку е повеќе. Не секогаш европските политичарки се држат строго до дипломатскиот дрескод, но секогаш на здодевната, класична облека ѝ даваат и личен печат, најчесто во изборот на модните детали. Кај Могерини тоа се ѓерданите, речиси никогаш обетки или алки.

При официјалните средби знае да искомбинира и здолниште со костум, не само во црна боја туку и во весели, пастелни бои. Чевлите, секако, се класични салонки на полувисока потпетица.

На австрискиот политичар Хан, кој е разведен и татко на едно дете, моден фетиш му се вратоврските, во необични пастелни бои и, секако, манжетните кои, како и чорапите, кај дипломатите го истакнуваат нивниот истанчен моден вкус. Хан е класичен, дури не ја следи ни најновата мода на украсни шамивчиња во сакото.

Лејла Сабит  Фото: Борис Грданоски