Дизајнерката Мршиќ со пролетна колекција: Росица ги прими гостите во кежуал издание

Во кежуал издание, синоќа, модната дизајнерка Росица Мршиќ ги прими гостите дома, во „Јавна соба“. Многу дами од јавниот живот, дотерани и расоблечени, како во лето, со внимание ја следеа долгата презентација на колекцијата „Силија“ , распоредени по соби.

Строгиот и едноставен дизајн типичен за дизајнерката, за чии ревии се бара покана повеќе, ја замени некоформистичка колекција со помеки и лелеави силуети, носливи од утро до вечер.

Гостинките дотерани во висока мода, на пистата гледаа кежуал мода.

„Парчињата кои ги создавам ги портретирам како парчиња кои се за секој ден, секоја пригода но секогаш интригантни и возбудливи. Силни бои, цветни стилизирани принтови, црна и мека бела боја, артистични текстури на материјал, кроеви сложено изработени, ја прават „Cилија“ карактерно романтична, авангардна и ласцивна“, вели Мршиќ за новата, 19. сезонска колекција, инспирирана од портретите на Силија Биртвел насликани од познатиот англиски уметник Дејвид Хокни.

Дизајнерката на накит Марта Поп Антоска изработи лимитирана серија на накит од стакло кој ги надополни креациите. Ревијата беше во организација на Моден викенд-Скопје.

Лејла Сабит   Фото: Борис Грданоски