(ФОТО) Две лица убиени попладнево во Кисела Вода, полицијата врши увид

Две лица се застрелани попладнево во општина Кисела Вода при обид за грабеж на менувачницата „Македонија“ во близина на споменикот на Тодор Александров, јавува репортерот на Независен.мк од терен.

Полицијата засега потврдува дека се случил инцидент, но подоцна ќе излезе со деталите.

Според неофицијални информации, двете лица кои се застрелани се обиделе да извршат грабеж. Тие вооружени со пиштоли влегле во менувачницата, каде што на смена бил сопственикот.

Со закани и удари со пиштолите се обиделе да му ги изнудат парите, но тој извадил пиштол, за кој неофицијално дознаваме дека поседувал дозвола, и пукал во нив.

Според информациите од терен, телата на убиените сè уште се на местото на инцидентот, а полицијата, судската полиција и јавен обвинител вршат увид.

Поради инцидентот и увидот булеварот „Борис Трајковски“ е затворен за сообраќај.

Г.А.