(Фото) Американските дизајнери избраа: Наоми Кембел е модна икона за 2018 година

САД – Советот на модните дизајнери од Америка (CFDA) ја прогласи манекенката Наоми Kембел за модна икона за 2018 година. Церемонијата на доделувањето на наградите во сите модни категории ќе се случи на 4 јуни во Њујорк.

„Вистинска чест е што жирито ме препозна за годинешната награда. Мојот личен стил секогаш бил под влијание на динамичната улична култура и музичката сцена. Јас сум порасната во модната индустрија и засекогаш ќе им бидам благодарна на американски модни дизајнери што ме поддржуваат во кариерата“, изјави Наоми за медиумите.

Кембел на овој начин им се придружи на листата свои пријатели и останати познати лица кои во минатото ја добиле оваа престижна награда, а меѓу нив се Ријана, Дејвид Боуви, Фарел Вилијамс и Кејт Мос.

„Од чудо од дете до божица на модата. Наоми претставува убавина, активизам и радост на животот“, вели за Кембел претседателката на Советот, дизајнерката Дајана Фурштенберг.

Меѓу номинираните за најдобра женска колекција, меѓу позвучните имиња се Раф Симонс за „Келвин Клајн“ и Марк Џејкобс. Симонс е номиниран и за најдобра машка колекција. За најдобра машка колекција во трка е и Том Форд. Награда за животно дело ќе добие Нарцисо Родригез, а Донатела Версаче ќе биде прогласена за најдобар интернационален дизајнер.