Фотофиниш на кампањата: „За“ во Тетово, „Бојкотирам“ пред Собрание

Скусената кампања за референдумот, која трае заклучно со четврток до полноќ, а не до петок како што е вообичаено за избори, ги забрза активностите на поддржувачите, односно бојкотирачите на неделното гласање. Кампусот „за“ продолжува со набиената агенда која значи и посета на неколку градови дневно низ земјава. Тераат промотивни спотови и реклами во медиумите, не се очекуваат драматични посети од странство ниту, пак, репризи на масовниот митинг од Скопје. Последното случување е закажано во Тетово, в четврток, од 20 часот, каде што говорник ќе биде премиерот Зоран Заев.

Ќе разговараме за сите предности и отворени прашања со кои сме соочени пред историскиот референдум. Ќе ги повториме сите аргументи зошто е важно да се поддржи референдумот и да се избере сигурна иднина за нашата земја. Граѓаните ќе бидат целосно и правилно информирани за да може да донесат вистинска одлука“, велат од „За европска Македонија“.

Во меѓувреме, премиерот ќе оди и во Демир Капија, Неготино, Виница и во Прилеп. Министерката за одбрана Радмила Шекеринска ќе им се обрати на граѓаните на Свети Николе, министерот за надворешни работи Никола Димитров ќе се дружи со жителите на Делчево, потпретседателот на СДСМ, Петре Шилегов и националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, ќе бидат активни низ скопските населби. На терен ќе бидат и другите министри во Владата со цел да се остварат средби со што е можно поголем број граѓани и да им се објаснат придобивките од нашето членство во ЕУ и во НАТО.

Кампот „против“ не е толку гласен, што според експертите е нормално затоа што тие се обидуваат да го минимизираат референдумот и да не се дигаат тензии со цел што е можно помал број луѓе да излезат и со тоа да не биде обезбеден цензус. Засега, на прсти се бројат поединците што се изјаснија дека се против и тие главно му припаѓаат на вмровското ткиво. Освен што признаа дека се за ЕУ и за НАТО, но срце не им дава да поддржат таков лош договор, други нивни активности нема. Мета се на навреди од тврдокорното крило, поради што не може да се бара некаква агитација за излегување и гласање, па макар и „против“.

Кога е во прашање ВМРО-ДПМНЕ, нивниот став останува непроменет – секој нека одлучи по своја волја, па затоа од нив не се очекуваат посебно крупни чекори. Од партијата велат дека продолжуваат со теренските посети во рамките на „Работното лето“, а на средбите укажувале на штетните точки од капитулантскиот договор, како и на катастрофалните политики на Заев. Иако самите не бараат бојкот, многумина препознаваат такви сугестии.

Иницијативите за „бојкот“ ги ловат грешките и лапсусите на јавните личности што пропагираат да се гласа „за“. Деновиве хит им се настапите на бизнисменот Трифун Костовски, кој се доживува како бизнисмен и политичар од транзицијата, како и видеопораката од францускиот претседател Емануел Макрон, кој повика да се поддржи новото име: Северна Македонија. Се бара и од членовите на СДСМ да бојкотираат. Нивните активности главно се преку социјалните мрежи, но в четврток во 19 часот е закажан митинг пред Собранието на Македонија во центарот на Скопје.

Мајка Македонија ве вика, да ја одбрани татковината. Сенароден протест за одбрана на нашето име. Бојкотирам Северна, секогаш Македонија“, се наведува во прогласот.

Од друга страна, членови на десницата предупредуваат оти е можно протестот да биде стапица на која се очекуваат инциденти што би биле предизвикани од надворешни лица и со тоа би се оцрнел целиот кампус. Освен тоа, митингот е закажан во исто време кога претседателот Ѓорѓе Иванов ќе се обрати на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.

Според поддржувачите на бојкотот, промената на името мора да се спречи по секоја цена и дека за името не може да се преговара бидејќи со тоа се откажуваме од предците, историјата, културата и традицијата.

Горан Адамовски