Формула 1: Вилијамс ќе го тестира Кубица во Абу Даби

Роберт Кубица (32) ќе биде тест возач на тестирањата на Вилијамс во Абу Даби претстојниот викенд. Но, покрај тестирање на болид, полскиот пилот ќе биде на тест и за можноста дали би можел повторно да вози во Формула 1 по тешката повреда на раката.

Кубица е надвор од „летечкиот циркус“ од 2011 година по незгодата што ја имаше при настап во рели трка. Последици од несреќата носи и денеска и се однесуваат на ограничени движења на десната рака. Вилијамс сега сака да направи проценка и доколку Кубица задоволи, тогаш би можел да биде ангажиран како замена за Фелипе Маса кој во Абу Даби викендот ја завршува кариерата. На тест во тимот ќе биде и рускиот возач Сергеј Сироткин.

Покрај нив двајца, како кандидати за место во болидите на Вилијамс за 2018 година фигурираат Данил Квјат, Паскал Верлајн, Пол ди Реста, но Полјакот засега важи како прв пик.