Формирана Група Охрид за поддршка на Македонија на патот кон ЕУ и НАТО

Групата Охрид за поддршка на Република Македонија на нејзиниот пат кон членство во НАТО и ЕУ ја промовираше денеска премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција со поранешниот генерален секретар на Алијансата, лорд Џорџ Робертсон, кој ја предводи групата високи дипломати во посета на земјава.

– Денеска сме тука заеднички да го објавиме конституирањето на Група Охрид, која ќе дава поддршка за успешно завршување на процесот за влез на Македонија во ЕУ и НАТО, рече Заев.

Групата Охрид е неформална група создадена од членови со импресивен бекграунд, со различна политичка припадност.

– Активностите на групата и на одделни нејзини членови, кои ставија печат со нивната дипломатска кариера и дадоа поддршка за нашите напори за изградба на демократска, стабилна и просперитетна држава. Тие се тука да го поддржат нашето членство во ЕУ и НАТО, рече Заев.

Во групата, освен Џорџ Робертсон се вклучени и поранешниот висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Хавиер Солана, поранешниот шведски премиер и министер за надворешни работи Карл Билд и истакнатите дипломати Кристофер Гајд, Роберт Гелбард, Ален Ле Роа, Волфганг Ишингер, Дајмонд Вилсон и Зоран Чичак.

Робертсон посочувајќи дека поминале 17 години, отако последен пат се обратил на прес-конференција во Македонија, истакна дека името Група Охрид е избрано, бидејќи тој град има големо значење за земјата, со оглед на тоа дека таму е потпишан Охридскиот договор, но исто така тоа е и град заштитетн од УНЕСКО.

– Поминаа 17 години кога последен пат се обратив на прес- конференција во Скопје, но тогаш бев во време кога Македонија се соочуваше со криза, а земјата сега почнува да го трасира својот пат кон просперитетниот свет, рече Робертсон.

Македонија, во еден период од неговиот живот, била во фокусот на неговото внимание и како што рече постоела можност за нејзина поделба, но сепак тоа не се случило бидејќи лидерите на земјата застанале заеднички и храбром да се движат кон иднината.

Потсети дека околу 11 пати заедно со Солана ја посетиле земјава и биле сведоци на потпишувањето на Охридскиот договор.

– Земјата, која беше на работ на граѓанска војна, стана земја, која тропна на европските врати и ја разбра потребата за подобра иднина, рече Робертсон.

Нагласи дека новата група ќе ги советува Владата и министирите, но ќе биде достапна и за опозицијата и претседателот на државата.