ФИФА ранг листа: Македонија ја почна 2017 година како 162. а ја завршува како 76.

Македонија ја има репрезентацијата со најголем скок на годишно ниво на ранг-листата на Светската фудбалска асоцијација (ФИФА). „Рисовите“ во 2017 година влегоа како 162. во светот, а од неа излегуваат на 76. позиција. Напредокот од 86 места не остана незабележан и од самата ФИФА која ги потенцира „црвено-жолтите“ како тим со најмногу прогрес од сите 208 земји членки за изминатите 12 месеци.
„Македонската селекција го допре дното“, „Може ли подолу од ова?“, „Нов стрмоглав пад на фудбалерите“, беа најчестите констатации и дилеми во врска со националите до март кога паднаа на 166. позиција. Меѓутоа миксот што Игор Ангеловски го направи во А-тимот со приклучување на добар дел од младата репрезентација што обезбеди учество на ЕП 2017 во Полска даде резултати во насока на подобрување на рејтингот.

Двете победи против Лихтенштајн (4:0 и 3:0) и против Израел (1:0) во мундијалските квалификации и против Норвешка (2:0) и Белорусија (3:0) во пријателските средби, потоа трите нерешени исходи (Албанија – 1:1 и Италија – 1:1) за СП 2018 и 0:0 во контролата со Турција и единствениот пораз од Шпанија (1:2) го вратија националниот тим во средина што е достоинствена и прифатлива за условите во кои се развива најважната споредна работа во светот кај нас.

Контролите во првата половина на 2018 година и најавената Лига на нации, чиј почеток е најавен за септември, ќе бидат одлична прилика за дополнителен напредок на ФИФА ранг-листата. Ждрепката за новоформираното натпреварување на УЕФА е закажана на 24 јануари во Нион каде што Македонија ќе биде во привилегирана позиција како носител при креирање на четирите групи.

Топ 10

1. Германија 1.602 бода
2. Бразил 1.483
3. Португалија 1.358
4. Аргентина 1.348
5. Белгија 1.325
6. Шпанија 1.231
7. Полска 1.209
8. Швајцарија 1.190
9. Франција 1.183
10. Чиле 1.162