Фити: Книгата за големиот Блаже Конески е сè уште недовршена

Промоцијата на три книги во издание на МАНУ посветени на Блаже Конески е израз на посебно почитување и пиетет што Академијата континуирано го негува кон својот втемелувач и прв претседател, кој влегува во редот на нашите најмаркантни личности и национални фигури, чие дело е вградено во темелите на МАНУ, рече претседателот на Академијата Таки Фити на претставувањето на трите нови изданија за Конески.

Книгата „Епоха Блаже Конески“ од академик Георги Старделов е дел од проектот „Културата на почвата на Македонија“ кој историјата на македонската книжевност и јазик ја поделува во пет епохи. Конески е петтата епоха – од 1945 наваму, а четирите претходни епохи според периодизацијата во проектот се: св. Климент Охридски, Димитар Миладинов, Крсте Петков Мисирков и Коста Солев Рацин. Книгата ја промовираше проф. д-р Иван Џепароски од Филозофскиот факултет на УКИМ.

Второто издание промовирано денеска во МАНУ е „Блаже Конески. Чествувања по повод јубилејот 50 години МАНУ“ – приредено од академик Луан Старова. Во неа се собрани излагањата на учесниците лингвисти на меѓународното чествување за првиот претседател на МАНУ кое беше организирано минатата година во рамки на одбележувањето половина век од постоењето на Академијата. Книгата, која ја промовираше приредувачот Старова, содржи искажувања на колеги, соработници и пријатели на Конески, меѓу кои и странски слависти, кои ја откриваат неговата посветеност на научната работа и уметничкото творештво, како и неговите човечки доблести и хуманост.

Третата книга која беше претставена е петтиот том од проектот „Критичко издание на целокупните дела на Блаже Конески“, раководен од академик Милан Ѓурчинов кој почина оваа година. Книгата ја промовираше академик Катица Ќулавкова.

-Ќе има уште многу книги за Блаже. Книгата за големиот Блаже е сè уште недовршена. Долго ќе се пишува за нашиот Блаже Конески, долго ќе се анализира неговиот грандиозен научен и поетски опус, долго неговите дела ќе претставуваат вистинска инспирација за плејада творци од областа на македонистиката и славистиката, од областа на лингвистиката и литературната наука, творци од сегашната генерација и на тие кои ќе доаѓаат, рече Фити.

Промоцијата се совпадна со датумот од годишнината од раѓањето на Конески (Небрегово, 19 декември 1921 – Скопје, 7 декември 1993) – поет, филолог, книжевен историчар, преведувач, професор и еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик.

Конески е првиот претседател на МАНУ кој функцијата ја извршувал во два мандата, од 1967 до 1975 година. Актуелниот претседател ја потенцираше и важноста на придонесот на Конески во поставувањето на МАНУ врз, како што рече, здрави основи и високи научни и уметнички стандарди уште од самиот почеток на нејзиниот развој.

Меѓу пораките на Конески на која потсети Фити е дека Академијата ќе го оправда своето постоење низ времето само ако не дозволи „да ја потчини рутината и посредственоста“ и ако им отвори поле за натпревар на оние личности кои се мотивирани не од обезбедување привилегии, туку над сè од создавањето вистински културни вредности.