Филхармонија одбележува 100 години од раѓањето на Бернштајн

В четврток во 20 часот Македонската филхармонија ќе го одржи симфонискиот концерт „Бернштајн 100“, со кој ќе се одбележи сто годишнината од раѓањето на еден од највлијателните американски композитори и диригенти, Леонард Бернштајн.

Под диригентство на врвниот маестро Тимоти Редмонд од Велика Британија, ќе бидат изведени две дела од неговиот богат опус – симфониската свита „На брегот“ и Три танцови епизоди од мјузиклот „Во градот“.

Солист на концертите е еден од најголемите виртуози денес, германско-францускиот виолончелист Николас Алтштед, кој за првпат во Македонија ќе го изведе Концертот за виолончело и оркестар од англискиот композитор Вилијам Волтон.

Композиторот, диригентот и пијанистот Леонард Бернштајн (1918-1990) е еден од првите американски диригенти кој постигнал светска слава. Добитник е на повеќе „Еми“ награди и се смета за една од највлијателните личности во историјата на американската класична музика.