Филмот „Езеро од јаболка“ доби награда во Црна Гора

Филмската приказна „Езеро од јаболка“ е прогласен за најдобар филм во категоријата „Екологија“ на меѓународниот филмски фестивал Green Montenegro International Film Fest (GMIFF), кој од 14 до 16 декември се одржа во Црна Гора.

Филмот, како што соопштуваат од Министерството за животна средина и просторно планирање, претставува приказна за успесите на петнаесетгодишниот проект за заштита на Преспанското Езеро кој се спроведува во партнерство на Министерството за животна средина и просторно планирање, УНДП, Општина Ресен и Швајцарската агенција за соработка и развој.

Во овој филмски проект во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска доловена е трансформацијата на односот кон животната средина со што се обновуваат виталните функции на екосистемот на Преспанското Езеро, едно од најстарите слатководни екосистеми на Земјата, каде што живеат повеќе од 2000 видови растенија и животни од кои голем број се ендемични.

Филмот „Езеро од јаболка“ досега бил претставен на повеќе меѓународни фестивали каде што има освоено бројни награди.

Во рамки на фестивалот во Црна Гора, посебниот советник за животна средина и просторно планирање во Владата на Република Македонија, Драган Јованов, доби признание за придонес во образованието од областа животната средина.

На овогодинешниот фестивал претставени беа филмови на теми поврзани со заштитата на животната средина од преку 40 држави од светот. Целта на фестивалот е преку уметничкиот импулс да се развива свеста и да се унапредува знаењето околу заштитата и зачувување на животната средина.