Филип Димишковски, музичар: Наградата „Златен Орикс“ ми дава кредибилитет за понатаму

Младиот клавијатурист Филип Димишковски (23) е годинешниот добитник на наградата „Златен орикс“ за најмлад џез-музичар во земјава. Со музика се занимава уште од 12 години, а досега има соработувано со различни музички состави и индивидуални музичари, меѓу кои и „Љубојна“, „Конкеринг лајон“, Тони Китановски.

– Ова е поттик за да продолжам понатаму и да го правам тоа што најмногу го сакам. Наградата ми дава кредибилитет, за да ги остварам плановите кои имам за во иднина – вели Димишковски.

Тој нема формално музичко образование и студира на ФИНКИ. Вели дека технологијата и музиката заедно може да бидат и добра комбинација.
– Љубопитен сум како човек, сакам да експериментирам и да истражувам нови работи. Не сакам да бидам едностран, туку сакам повеќе да учам, без разлика дали се работи за технологија, музика, природни науки или уметност. Тоа ме исполнува, а љубопитноста на крајот на краиштата ме прави мене како личност многу побогат – вели Димишковски и додава дека не сака ограничувања ниту во музиката и постојано има потреба да излегува од својата комфор-зона.

Директорот на Скопскиот џез фестивал, Оливер Белопета, вели дека Димишковски уште како дете бил забележуван како публика на концертите, подоцна започнал и со приватни часови по пијано, а сега веќе се забележуваат неговите први резултати.
Димишковски првата средба со пијаното ја започнал кај Игор Димовски, а потоа продолжува со часови кај Дамир Имери, каде што се запознава со основите на џезот.

На 18 години веќе свири по локални клубови во Скопје во различни џез-формации, со Тони Китановски, Александар Икономов, „Гоце Стевковски септет“, „Некст ту сајленс“, Сара Мејс, „Конкеринг лајон“ и „Љубојна“ се само некои од најзначајните бендови/музичари со кои има соработувано. Има настапувано низ Македонија, Хрватска, Босна и Херцеговина и други земји на Балканот, на фестивали како Сараево џез фестивал, Скопски џез фестивал, Банско џез фестивал и „Д фестивал“.

Неговото име како изведувач се појавува на неколку албуми меѓу кои „Радио Љубојна“ на Љубојна, „Reflections“ на „Џоле Грујовски Квинтет“, потоа на „Floating Through Space With Sarah Mace“ и „Re:vision“ на „Фин проџект“.

Наградата „Златен орикс“ му беше врачена на Димишковски завчера во кафе-барот „Винил“, каде што заедно со неговите пријатели презентираше и дел од музиката што ја создава. Таа се доделува во рамките на Скопскиот џез фестивал, заедно со „Катар ервејс“. Минатата година добитник беше тапанарот Виктор Филиповски.

Ивана Настеска