ФЗОМ: Понудите од болниците во Гисен и во Дизелдорф не се презентирани кај нас

Понудите од болниците во Гисен и во Дизелдорф не се добиени ниту презентирани во Фондот од страна на барателот, соопштија од Фондот за здравствено осигурување, откако „Независен весник“ ги објави истите како документација со која располага семејството на Ева Крстаноска, девојчето кое не издржа да замине на лекување во странство.
„Понудата од болницата во Дизелдорф која е презентирана во јавноста, воопшто не била ниту доставена ниту презентирана во Фондот. Дополнително, писмото од болницата во Гисен до семејството на Ева е само информативно електронско писмо, кое нема конкретни елементи на понуда. Комисијата не можела да земе предвид при одлучувањето за избор на лекувањето, понуда која не е презентирана. Фондот ја разбира желбата на родителот како и на сите родители за лекување на нивните деца каде што тие сметаат дека е најдобро, но Фондот работи во рамките на законските прописи и процедури кои ги вклучуваат двете лекарски комисии (првостепена и второстепена) составени од 14 еминентни медицински стручњаци. Нивна задача е да ја изберат најсоодветната понуда за секој барател кој бара лекување во странство, базирано на здравствената состојба како и на критериуми на солидарност и правичност за сите осигурени лица подеднакво„ соопштија од ФЗОМ.
Од таму велат дека побарале понуди од 22 странски болници, меѓу кои и болниците од Гисен и од Дизелдорф. Понуди по барањето се добиени од „Медикал Парк“- Истанбул, „Газиосман Паша“ – Истанбул и „Бамбино Гесу“ од Рим.
„Фондот сака да укаже дека за жал, лекувањето во странство не секогаш е гаранција за успешност и излекување. Во последните 12 месеци непосакуван крај на лекување имало и во други европски земји каде биле испратени осигурениците на лекување меѓу кои и Германија и Италија“, се вели во соопштението од ФЗОМ.