Фестивалот „Грин бич“ се сели на нова локација

Фестивалот „Грин бич“ ова лето ќе се одржува на нова локација на крајбрежјето на Охридското Езеро и тоа за првпат во Струга.

„Со поддршка од локалната самоуправа во Струга, градот и Фестивалот ја добиваат новата „Грин бич“ брендирана плажа која се наоѓа во непосредна близина на хотелот „Еуротел“ и која ги гарантира сите високи организациски стандарди неопходни за реализација на музички настан од калибарот на „Грин бич фестивал“, информираат организаторите од Пасворд продукција.

Деветта година по ред, фестивалот „Грин бич“ продолжува да се одржува со хедлајнери од глобалната електронска сцена, кои гостуваат кај нас во врвот од својата кариера и со кои овој настан прерасна во синоним за најквалитетно електронско доживување.

Годинешното издание на фестивалот ќе се одржи на 27-ми јули, а публиката ќе има привилегија да го погледне премиерниот настап во Македонија на најпопуларната дама на светската електронска сцена, прогласена и за најдобар диџеј за 2017-та година, Нина Кравиц.

Сибирската техно дива е позната по бескомпромисните и енергични диџеј-сетови со музика која многумина не би се осудиле да ја „вртат“, а во изминатата година имаше и завршни сетови на одбрани фестивали. Таа важи за една од најхаризматичните личности на електронската сцена, а нејзините настапи се прочуени по уникатното и интензивно чувство со кое ја восхитува публиката.

Од 25 парил ќе бидат пуштени во продажба и влезниците кои ќе се продаваат по промотивна цена од 500 денари, а која важи само за првите 1000 купувачи.