Фенербахче се пласираше во финалето на Евролигата

Кошаркарите на Фенербахче го совладаа Жалгирис со 76:67 во првиот полуфинален натпревар на фајнал фор турнирот во Белград и трета година по ред ќе играат во финалето на Евролигата.

Фенербахче од почетокот на натпреварот воспостави контрола на теренот и благодарение на одличната одбрана стигна до водство уште во првата четвртина.

Актуелниот шампион на Европа, под водство на српскиот тренер Жељко Обрадовиќ  го одржуваше водството во текот на целиот натпревар, иако на неколку наврати Жалгирис ја намалуваше предноста, но без сили за целосен пресврт на резултатот.

Во последната четвртина Фенербахче со серија 10:2 повторно дојде до двоцифрена предност (64:54), која ја одржа до самиот крај.

Фенербахче во финалето ќе се соочи со подобриот од вториот полуфинален натпревар меѓу Реал Мадрид и ЦСКА Москва.