Федерер го освои турнирот во Ротердам

Роџер Федерер го освои турнирот во Ротердам, откако во финалето го совлада Бугаринот Григор Димиров со 2:0 во сетови (6-2,6-2).

Разиграниот Швајцарец славеше рутинска победа и за неполн час го совлада бугарскиот тенисер, кој е петти тенисер во светот, но играше далеку под своето ниво.

Федерер направи два брејка во првиот сет и поведе со лесни 6-2, а со идентичен резултат го доби и вториот сет за конечна победа.

Швајцарскиот тенисер стигна до 97. АТП титула во кариерата и постави нов рекорд со 20 титули од АТП 500 серијата.

Тој утре повторно ќе се искачи на врвот на АТП листата, а воедно со 36 години е највозрасен „рекет број еден“ во историјата на тенисот.