Федерацијата на фармери бара 16 денари за „смедеревка“ и 17 за „вранец“


Минимална заштитна цена за грозјето рамна на производствената, која изнесува 16 денари за килограм “смедеревка” и 17 за “вранец”. Ова е едно од барањата на лозарите од синоќешната средба во Неготино, во организација на Националната Федерација на фармери на Македонија.

Тие побараа од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство функционирање на договорно производство согласно Законот за земјоделство и рурален развој и гаранција на наплата, односно банкарска гаранција од откупувачите. Во Програмата за финансиска подршка на руралниот развој да влезат заштитние мрежи, антифрос системи и инсталирање на вентилатори и заштитни фолии, како мерки за заштита и адаптација на лозарството и на целиот земјоделски сектор на новите климатски промени.

Лозарите побараа да се вратат противградобијните ракети, да се поддржат автохтони сорти кои можат да бидат конкурентни, да зајакне контролата на надлежните институции за издавање лиценци за откупувачите. Со правна регулатива да се создадат правила и услови за продажба на преработки од грозје од куќен праг. На средбата присуствуваа околу 50 производители на грозје од тиквешкиот, гевгелиско-валандовскиот, струмичкиот  и штипскиот  регион.

Претседателката на Федерацијата Васка Мојсовска, рече дека лозарството е основна дејност на голем број луѓе од тиквешкиот  регион, а Македонија е земја на виното и грозјето.

„Сепак откупната цена на двете најзастапени сорти во Република Македонија ‘смедеревка’ и ‘вранец’ не е помрдната во изминатите 10 години, иако трошоците на производството  се зголемени дури и за повеќе од 50 проценти“, рече Мојсовска.

Според анализата на НФФ, производствената цена на „смедеревката“ е 16, а на „вранецот“  17 денари, додека откупната на „смедеревката“ била од 10 до 11 денари, а на вранецот е од 12 до 13 денари.

„Да се обединиме и да бараме начини за алтернативни пазари. Градот го уништи грозјето, дајте да ги вратиме противградобијните ракети за да се бориме со климатски промени. Проблем е и осигурувањето, бидејќи не функционира системот па излегува дека агенциите на лозарите им даваат милост, колку да преживееат. Да се бориме за нашите права, кванташките пазари не функционираат“, велат лозарите.