Фалат реагенси за испитување алергии на антибиотици, глутен и лактоза

„Имав алергиски реакции на неколку видови антибиотици. Бидејќи бев настината, морав да пијам соодветна антибиотска терапија, поради што матичната лекарка ми препорача да испитам кои антибиотици не ми предизвикуваат алергија. Преку ‘Мој термин’ ми закажаа испитување на Институтот за хумана генетика и имунологија во Скопје“, раскажува 34-годишната Марија од Кичево за „Независен весник“. Земала и слободен ден за да направи испитување, но кога стигнала на Институтот ѝ кажале – дека нема реагенси.

„Морам да чекам да завршат изборите за да знам на кои антибиотици сум алергична. Ако треба да земам терапија дотогаш, навистина не знам како ќе се лекувам. Алергијата дополнително ми го комплицира здравјето, а сега не можам да го направам испитувањето уште минимум три месеци“, вели Марија.

Раководителот на Институтот за имунобиологија и хумана генетика, Александар Петличковски, потврдува дека на Институтот нема реагенси за испитување алергиски реакции на антибиотици од 13 март. Додава дека веќе три недели фалат и реагенси за интолеранција на глутен и за интолеранција на лактоза, за кои тендерот е пред распишување. Набавките за потребните реагенси на Институтот ги распишува Медицинскиот факултет во Скопје.

„Пред шест дена беше примен последниот пациент на Институтот за анализа на алергиски реакции на антибиотици. Кај нас, како и на сите институти на Медицинскиот факултет, набавките одат еднаш годишно, а за годинава треба да се направи предвидената набавка. Лани сме предвидувале дека реагенсите ќе ни траат до април и за годинава таа набавка беше предвидена за април. Сè уште имаме од останатите реагенси за испитување на алергии, но тие за антибиотици се истрошија пред време бидејќи не можевме да предвидиме точно колку пациентите ќе дојдат. Очекуваме во април да се реализира набавката што ја распишува Медицински факултет. Ние правиме бизнис-план, а потоа барањата за набавки ги праќаме до службите на Медицински факултет за да ги организираат“, вели Петличковски.

Министерот за здравство Венко Филипче порача дека во сите јавни здравствени установи има реагенси, а тие што недостигаат на Институтот треба да ги набави Медицинскиот факултет.

„Медицинскиот факултет си има посебен буџет и тука Министерството за здравство нема директни ингеренции. Наша работа е да ги обезбедиме реагенсите во јавните здравствени установи и тоа се прави, реагенси има во сите нив. Во однос на лабораториите што работат во рамки на Медицинскиот факултет, има пари што треба да бидат користени за набавка на реагенси, но можно е сега да е преоден период во кој трае набавката. Верувам дека ќе се надмине проблемот“, рече Филипче.

Микробиолошките лаборатории во Скопје располагаат со сите реагенси за неопходните брисеви на пациентите, потврдува претседателот на Здружението на гинеколози Душко Филиповски. Ниту колегите од внатрешноста не му јавиле дека имаат проблем. Посочи дека Институтот за микробиологија веќе не функционира преку системот „Мој термин“ и сега ги прима сите брисови на пациенти. Токму закажувањето термин на Институтот претставуваше проблем изминативе години, нешто на што беа револтирани лекарите, но многу повеќе пациентките бидејќи мораа да одат во приватни лаборатории каде што еден анализа на брис се наплатуваше 800 денари. Сега проблем со закажување термин, според Филиповски, имаат во МАНУ.

„Имаме мал проблем со закажување термин во МАНУ. Закажувањето оди преку ‘Мој термин’, а термини таму имаат недоволно. Не е дека немаат реагенси туку најверојатно имаат недостиг или ограничена количина, така што треба многу време да помине додека начекаме слободен термин за да ги примат сите брисеви на пациентите“, подвлече Филиповски.

Вероника Мароска-Леова