Уште 900 илјади гласови до големата цел


Александра М. Митевска

Во некоја не многу далечна иднина, кога сегашниот премиер Зоран Заев, можеби, ќе седне да пишува мемоари за турбулентните случувања во текот на неговите мандати – и како прв опозиционер и како челник на владата – ќе треба да каже и која мисија била потешка за него: решавањето на проблемот за името со Грција или организирањето на референдумот кој треба да значи граѓанска потврда на тој договор, како и на евроатлантската иднина на земјата.
Референдумот што треба да се спроведе во наредните два до три месеци, со сите придружни елементи, а по кој треба да следуваат уставни измени, гледано од почетната точка од пред безмалку три децении – кога Македонија тргна по патот на независноста, се чини мала работа во споредба со големата цел која е постигната со поканата за влез на земјава во НАТО, а благодарение на предолго очекуваниот договор со Грција. Сепак, со оглед на брзината со која треба да се реализира, додека јавноста е сè уште со поделени емоции во однос на промената на името, како и со оглед на високиот праг на излезност што треба да се постигне, референдумот, всушност, сега се испречува како најголема планина што ќе треба да се искачи на преостанатиот пат на Македонија кон Брисел.
А тој пат беше долг и макотрпен во сите изминати години – со многу пречки и карпи на сопнување. Сепак, пристигнувањето до конечната одредница би требало да ги оправда сите жртви и нужни зла на кои се решаваа и претходните владејачки гарнитури, во зависност од нивото на политичка свест дека патот до стратешката цел не е посипан со рози.

Кој знае дали Македонија ќе станеше членка на ОН само една и пол година по прогласувањето на независноста, доколку тогашната владејачка гарнитура не ја прифатеше референцата БЈР, а подоцна не ја потпишеше Времената спогодба со Грција?! Кој знае дали ќе ја потпишевме Спогодбата за асоцијација и стабилизација со ЕУ, доколку во 2001 година главните политички фактори не се согласеа да влезат во преговори за разврска на безбедносната криза, што резултираше со потпишувањето на Рамковниот договор – со кој претрпе темелни промени уставниот систем на државата и кој во тоа време беше можеби уште понепопуларен отколку сега договорот со Грција. Прашање е и дали Македонија ќе го добиеше кандидатскиот статус во 2005 година, доколку успееше референдумот против новата територијална поделба во 2004 година. Реорганизацијата на општинската мапа на државата, вклучително со кампањата за референдумски бојкот што следуваше потоа, беше еден од мошне горчливите залаци што мораше да ги проголта тогаш владејачката постава на СДСМ и на ДУИ во име на поголемата цел.
Она што се чинеше сон во 1991 година – кога ја освоивме независноста, она што изгледаше недостижно во 2001 година – кога државата се тетеравеше под товарот на безбедносната криза и зовриените меѓуетнички односи, тоа што беше доживеано како голема загуба во 2008 година кога на Македонија ѝ беше затворена вратата на НАТО, со што, пак, се отвори портата на неизвесноста и нестабилноста, овој пат им е на дофат на рацете на македонските граѓани. Можеби затоа, поради овие потклекнувања, Македонија има сега право малку и да се порадува и да прославува, како што повикува премиерот Зоран Заев. Затоа што спроведувањето на договорот со Грција е можеби последната жртва што ќе треба да се поднесе во име на остварувањето на стратешките цели на државата.

Значаен дел од Македонците секако дека имаат право и да протестираат поради промената на уставното име, но недозволиво е опозициските политички лидери да не укажуваат на големата слика, односно на перспективите што се отвораат пред државата со додавањето на географската одредница „Северна“. Недозволиво е и партијата која прва го запиша референдумот за името како обврска во својата програма сега подземно да работи за неуспех на плебисцитарното изјаснување. Уште понесериозно е да се пласираат неиздржани изговори за блокада на предреферендумскиот процес…
Но, и покрај сите опструкции и пресметани ризици во однос на претстојниот референдум, Заев верува дека тој ќе биде успешен. Убеден е дека тоа ќе се постигне со пенкало како што го урна „режимот“ кој сега испраќа пораки за амнестија, користејќи го деликатниот политички момент и отежнувајќи ги дополнително прогнозите околу можниот исход од плебисцитарното изјаснување.

Во 2016 година, убеденоста на Заев дека „ќе урне режим со пенкало“ ја потврдија пенкалата во рацете на нешто повеќе од 430 илјади гласачи кои на парламентарните избори го заокружија бројчето на тогаш водечката опозициска партија. Овој пат, прагот е многу поголем, поточно удвоен, како што е уште поголем и влогот што треба да се оправда. Овој пат, пенкалото треба да го земат в раце околу 900 илјади гласачи. Тие треба да изберат „да“ или „не“ како одговор на референдумското прашање, за процесот да биде успешен. Но, претходно, во текот на кампањата, некој ќе треба да ги убеди дека, иако тоа не е истото пенкало што генералниот секретар му го подари на Заев по потпишувањето на поканата за членство на Македонија во НАТО, иста е целта што треба да се постигне со излегувањето на гласачките места.