Уште една жена го обвинува Кавано за сексуално вознемирување

САД– Се појави и трета жена која го обвини кандидатот за судија во американскиот Врховен суд Брет Кавано за сексуално вознемирување во 80-тите години од минатиот век.

Во соопштение на три страници, кое било доставено до Одборот за правосудство на американскиот Сенат, Џули Светник од Вашингтон детално опишува дека додека била студентка присуствувала на повеќе од 10 домашни забави одржани од 1981 до 1983 година на кои бил присутен и Кавано и на кои претходно онеспособени девојки биле групно силувани.

– Околу 1982 година, станав жртва на едно од таквите групни силувања на кое присуствуваа Марк Џаџ и Брет Кавано. За време на инцидентот бев онеспособена без согласност и неспособна да се бранам од момчињата што ме силуваа. Верувам дека ме зашеметија со квалудес – вид на седатив или со нешто слично што било ставено во мојот пијалок, наведе таа.

Светник рече дека Кавано бил присутен, но не наведе дека тој учествувал во силувањето, како и дека присуствувала на „напорите на Кавано и други момчиња со цел девојките што повеќе да се напијат за да станат дезориентирани и за да можат потоа групно да го силуваат во спалните соби“.

Светските медиуми коментираат дека за сега нема можност да се потврди вистинитоста на нејзините тврдења, и оти Кавано веднаш ги негирал тие наводи со соопштение кое го објавила Белата куќа.

– Тоа е смешно и доаѓа од Зоната на самракот. Јас и не знам која е таа личност и тоа никогаш не се случило, истакна Кавано.

Светник ја застапува адвокатот Мајкл Авенати, кој ја застапува и порно глумицата Сторми Даниелс која судски се обидува да го поништи договорт со американскиот претседател Доналд Трамп за молчење за наводната врска со него пред повеќе од десет години.

Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека може да размисли за Брет Кавано и да ја повлече неговата номинација за Врховниот суд врз основа на денешното сослушување на Кристин Блејзи Форд која го обвини за „непристојни дејствија од сексуален карактер“.

Форд, која го обвини Кавано за сексуална злоупотреба од 1982 година, денеска треба да биде сослушана во Сенатот на САД.

– Во секое време можам да бидам убеден. Ќе биде интересно да слушнам што има да каже таа, изјави американскиот претседател.

Поранешна соученичка од средношколските денови Кристин Блејзи Форд прва го обвини Кавано дека се обидел да ја силува. Потоа новинарот Ронан Фароу, син на актерката Миа Фароу и Вуди Ален или Френк Синатра, објави сведоштво на жена која студирала во универзитетот Јеил со судијата Кавано. Дебра Рамирез исто така тврди дека Кавано се соблекол пред неа за време на пијана забава. Списанието „Њујоркер“, каде Фароу ја објави сторијата, потенцира дека ниту еден друг учесник на забавата не можел да го потврди тврдењето на Рамирез.