Утре средба на Весели, Харадинај и Коснет за укинување на таксата кон Србија

Претседателот на косовското Собрание Кадри весели утре ќе биде домаќин на состанокот со премиерот Рамуш Харадинај и амбасадорот на Соединетите Американски Држави Филип Коснет, на кој ќе се разговара за американското барање упатено до косовската Влада за укинување на таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина, јави дописникот на МИА од Приштина.

Претставници на Владата одбиваат да се изјаснат во врска со средбата, додека висок претставник на Демократската партија на Косово (ПДК) на Весели за „Зери“ изјави дека се очекува средбата да резултира со „договор кој гарантира дека односите со САД нема да се загрозат“.

Од друга страна, опозициски пратеници тврдат дека таксата треба да остане во сила, но нагласуваат дека е потребно Владата да ја аргументир својата одлука пред меѓунаордната заедница. Сепак, според опозицијата, очекувано е Харадинај да го смени својот однос за таксата од 100 отсто, исто како што го смени односот за договорот за демаркацијата со Црна Гора, пишува приштинскиот весник.

Харадинај е упорен дека владината одлука ќе остане во сила се додека Србија не го смени односот кон Косово и не ја признае неговата независност, меѓутоа се повеќе расте и притисокот за укинување на таската, како од надвор, така и од внатре.

Освен од САД и Европската унија, се позачестени се барањата и од самите членови на Владата и од коалиционите партии, како и од претседателот на државата Хашим Тачи, кој очекува таксата веднаш да се укине за да можат да продолжат и да се финализираат преговорите со Србија за нормализација на односите меѓу двете земји.