Денес во Грција средба меѓу Димитров и Коѕијас

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров  ќе се сретне со неговиот грчки колега Никос Коѕијас. Разговорите ќе се фокусираат на прашања од билатерален интерес, како и на понатамошно зајакнување на мерките за градење доверба, информираат од кабинетот на шефот на македонската дипломатија. Местото на средбата не се наведува, но како што дознава „Независен весник“, ќе се одржи во Грција.

Состанокот на двајцата министри се случува по засилената дипломатија и најавите за скорешно решавање на 26-годишниот спор за името. Завчера во Атина беше и вицепремиерот Бујар Османи, а наскоро се очекува средба во Давос меѓу премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас.