Унгарците масовно против Орбан: „Врати ни ја демократијата“

Десетици илјади Унгарци протестираа денес против владината контрола врз медиумите, која, како што велат, му помогна на премиерот Виктор Орбан во неодамнешната убедлива изборна победа. Ова е втор масовен протест против Орбан од изборите на 8 април, а демонстрантите ги повикаа опозициските партии да се здружат против десничарската националистичка партија Фидес, која освои две третини од парламентарните места на изборите. Од 2010 година, унгарскиот премиер ја зголеми контролата врз медиумите и поставува сојузници на претходно независни институции, а неговото одбивање да прими голем број мигранти во Унгарија исто така го доведе во конфликт со Европската унија.

Во фејсбук пост пред протестот, организаторите кажаа дека државните медиуми се претворени во „пропагандна машина“ на Орбан.

„Наша основна цел е да ја тргнеме контролата на Фидес врз јавните медиуми…ама опозициските партии исто така имаат задача, бидејќи и тие се одговорни за ситуацијата во која се наоѓаме. Заедно треба да се бориме за нов, праведен и чесен изборен закон и истрага за случаите на корупција“, кажаа демонстрантите.

Додека мирно маршираа кон еден од мостовите на Дунав, демонстрантите држеа банери со слогани: „Виктор врати ни ја демократијата“, „Сакаме слобода на печатот“ и „Промена на режимот“.