Украинска криза: Жестоки судири околу Луганск, петмина загинати војници

Најмалку петмина украински војници загинаа, а четворица се повредени во последните 24 часа во судирите во источниот дел на Украина, соопштија украинските вооружени сили.

Во соопштението се прецизира дека војниците загинале кај селото Кримск во Луганск и дека судирите траеле осум часа.

Украинската Влада соопшти дека од јули досега ова е најголем број загинати војници.

ОБСЕ предупреди дека во источна Украина доаѓа до зголемување на насилствата и дека минатата недела е регистриран најголем број прекршувања на прекин на огнот од средината на јуни.

Билансот за загинати во судирите меѓу украинските и проруските сили од 2014 година е над 10.000 лица. Пред две години беше потпишан договор за прекин на огнот, кој помогна судирите да се намалат, но не и целосно да прекинат.