Украина: Тринаесет лица повредени при обид за апсење на Саакашвили


Вкупно 13 лица беа повредени утрово при обидот на украинската полиција за апсење на поранешниот грузиски претседател и актуелен украински опозициски лидер Михаил Саакашвили, кој опкружен со своите поддржувачи престојува во камп во близината на украинскиот парламент, соопштија властите во Киев.

Од повредените 11 се полицајци, кои побарале медицинска помош, додека останатите двајца се демонстранти.

Саакашвили остро го осуди обидот за негово апсење и го окарактеризира како напад врз неговите поддржувачи, потенцирајќи дека тој предводи мирен протест против украинскиот претседател Петро Порошенко.

Обвинителството го товари Саакашвили за обид за уривање на уставниот поредок, откако тој за време на викендот организираше протести против Порошенко.

Украинската полиција се обиде да го уапси во понеделникот изутрина, но поддржувачите на Саакашвили набргу го ослободија од полициското комбе, по што организираа протестен камп.

Саакашвили, кој беше водач на протестното движење што го урна од власт поранешниот грузиски претседател Едуард Шеварднаѕе, беше претседател на Грузија од 2008 до 2013 година. Во 2015 година, по Мајдан револуцијата во Украина, која тој ја поддржуваше, Саакашвили доби украинско државјанство и Порошенко го именуваше за гувернер на областа Одеса.

Но, лани во ноември Порошенко го разреши од гувернерската позициција, по што Саакашвили формираше своја партија и започна со обвинувања за криминал и корупција против шефот на државата и Владата. Порошенко во јули годинава донесе и одлука за одземање на украинското државјанство на Саакашвили,

Претходно, уште во 2015 година, властите во Тбилиси му го одзедоа и грузиското државјанство.