Украина избра претставничка за Евросонг, па ја дисквалификува заради настапи во Русија

Ана Корсун, позната по уметничкото име Марув, дисквалификувана е од Евросонг само неколку часа по изборот за претставничка на Украина на натпреварот за најдобра песна на Европа.
Со песната „Siren Song” Ана Корсун ја освои публиката и победи на Видбир, украинскиот избор на песна за Евровизија.
Набрзо потоа, неколку украински политичари се спротивставија на нејзиното заминување на Евросонг поради нејзините настапи по Русија. Националната телевизија на Украина ѝ понуди договор според кој Марув мора да ја одложи турнејата по Русија планирана за март и за април. Но, пејачката одби.
„Денеска имавме состанок со јавната телевизија и не успеавме да постигнеме договор. Победив со голема гордост и бев подготвена да ја претставувам својата татковина, а забраната за концерти низ Русија не е опција од принципиелни причини“, напиша Марув на Фејсбук.
Додаде дека не сака незиниот настап да биде во функција на промовирање на политичарите.
„Јас сум граѓанин на Украина, плаќам данок и искрено ја сакам својата земја. Не сакам преку мене да се собираат политички поени. Јас сум музичарка, а не лилјак во политичката арена. Сакам креативност без цензура“, порача Марув.
Својот став на Твитер ја сподели и Вјачеслав Кириленко, потпретседателот на Владата на Украина.
„Претставничката на Украина не може да биде уметничка која има турнеја по агресорска држава, има планови тоа повторно да го прави и при тоа не сфаќа дека тоа е неприфатливо“, напиша тој.
За сега не е познато кој место Марув ќе ја претставува Украина на Евросонг.