Убиецот на фудбалерот Јанушев се појави на потерниците на МВР

Четири дена по изјавата на министерот Оливер Спасовски, дека „лицето Ф.С.“ е осомничен за убиството на фудбалерот Мартин Јанушев, извршено во скопската населба Аеродром, Министерството за внатрешни работи ја објави потерницата против 23-годишниот Филп Секуловски. Неговото име, презиме, фотографија и генералии (имиња на родителите и адреса на живеење) се ставени најгоре во рубриката „Потраги“ на официјалната страница на министерството (www.mvr.gov.mk), но не наведено за кое кривично дело се бара како што е случај со останатите бегалци.

Фудбалерот Мартин Јанушев беше застрелан околу 18 часот на 3 ноември. Усмртен беше со неколку истрели во главата. Блиските на момчето се вработени во МВР, па низ чаршијата се слушаа разни гласишта околу мотивот за злосторството. Филип Секуловски, кој извршувал шестгодишна казна затвор за трговија и поседување дрога, дента кога беше извршено убиството бил пуштен на слободен викенд, но не се вратил в затвор. Управата за санкции тогаш потврди дека Секуловски не се вратил од слободен викенд.

Министерот Спасовски соопшти дека „досегашните сознанија демантираат дека станува збор за нарачано убиство“. Од МВР рекоа дека имаат индиции каде се наоѓа осомничениот.

Јанушев играл за клубовите Маџари Солидарност, 11 Октомври и Локомотива.