Уапсени две лица поради употреба на дрон во близина на аеродромот „Гетвик“

Лондонската полиција уапси две лица, маж и жена, поради „криминална употреба на дрон“ во околината на аеродромот „Гетвик“, поради што летовите беа откажани.

Во денешното соопштение од управата на аеродромот се наведува дека воздушниот сообраќај е оперативен, но патниците пред доаѓање, сепак, да го проверат статусот на нивните летови.

Претходно од аеродромот соопштија дека летовите се откажани поради сомнеж дека над пистата има дронови.

Аеродромот „Гетвик“ вчера беше отворен, откако завчера беше затворен повеќе од 24 часа поради дронови, кои летаа над пистата, оставајќи десетици илјади патници блокирани на аеродромот во екот на претпразничната сезона.

Британската полиција и сообраќајните служби соопштија дека преземаат дополнителни безбедносни мерки за да ги спречат дроновите да дојдат до аеродромот.

„Гетвик” годишно опслужува повеќе од 43 милиони патници.