Тухел со навреди за своите играчи веднаш по нападот на автобусот во 2017-та

Неверојатни обвинувања против поранешниот тренер на Борусија Дортмунд, Томас Тухел, се појавија денеска во Германија.

На 11 април 2017 година, играчите и персоналот на Дортмунд патуваа кон „Вестфален“ за да се соочат со Монако во Лигата на шампионите, кога нивниот автобус беше нападнат од експлозивна направа.

И покрај фактот дека поранешниот дефанзивец на тимот, Марк Батра, имаше тешка повреда на раката, а неколку други играчи беа во состојба на шок, УЕФА донесе одлука за одложување на натпреварот за само еден ден.

Дортмунд беа совладани со 3-2 наредната ноќ (и 6-3 вкупен резултат), а во тоа време, Тухел го изрази своето разочарување за избрзаната одлука на раководното тело на европскиот фудбал.

Сепак, пишувајќи во неговата нова книга „Kabinengeflüster“ („Шепот во соблекувалната“), германскиот спортски новинар Пит Готшалк тврди дека Тухел немал никакви проблеми со играњето на натпреварот следниот ден и дека всушност се надевал дека инцидентот ќе донесе поголема „енергија“ на стадионот и ќе му помогне на на тимот да дојде до победа.

Понатаму, Готшалк тврди дека Тухел дури ги навредил своите играчи кога изразиле загриженост во врска со нивната способност да го одиграат натпреварот.

Утрото по нападот, тој тврди дека Марко Ројс и Гонзало Кастро почнале да плачат во канцеларијата на тренерот и кога заминале, Тухел наводно се обратил на член од неговиот стручен штаб со зборовите: „Како би требало да го победам Баерн со овие слабаци?“

Набргу потоа, Тухел беше ослободен од позицијата во германскиот тим.