Турција бара истрагата за убиството на Кашоги да ја води ОН

Турција соработува со други земји со цел истрагата за убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги да ја преземат Обединетите нации, изјави денеска министерот за надворешни работи Мевљут Чавушоглу.

Чавушоглу ова го изјави на заедничка прес-конференција во Тунис со неговиот туниски колега Хемаиес Џинауи. Тој исто така ја повика Саудиска Арабија да ги подели резултатите од својата истрага со меѓународната заедница.

Кашоги беше убиен во саудискиот Конзулат во Истанбул пред речиси три месеци.

Турската новинска агенција Анадолија јави и дека Чавушоглу на истата прес-конференција истакна дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во последно време е вознемирен бидејќи сфатил дека нема да може да ја подели Сирија, осврнувајќи се на изјавата на Нетанјаху против турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.

– Нетанјаху во последно време е вознемирен бидејќи сфати дека не ќе може да ја подели Сирија. Нетанјаху во последно време особено покажува симпатии кон терористичката организација ПКК. Затоа што тие сакаа да ја поделат Сирија со посредство на ПКК/ЈПГ. Кога плановите паднаа во вода, тој се вознемири. Ако погледнете подобро, името на нашите курдски браќа го користи за клеветење на нашиот претседател. И ја преминува границата, ја цитира Анадолија изјавата на Чавушоглу.

Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху претходно на Твитер го нападна турскиот претседател Ердоган во врска со антитерористичките операции што ги води Турција и во однос на кипарското прашање, потсетува агенцијата.