Турски министер тврди дека неговата земја ќе има едноцифрена стапка на инфлација

Турција до месец септември ќе забележи едноцифрена стапка на инфлација, благодарение на структурните мерки на властите, изјави денеска турскиот министер за трезор и финансии Берат Албајрак, јави агенцијата Анадолија.

– Очекувањата за висока инфлација влијаат врз производството, потрошувачката, меѓународната конкуренција и каматните стапки, рече Берат Албајрак во своето обраќање на настан во североисточната турска област Трабзон.

– Поради оваа причина, еден од приоритетите на нашата програма е трајно намалување на инфлацијата и достигнување едноцифрена стапка на инфлација, додаде тој.

Според државната статистика, годишната инфлација во Турција од над 25 отсто во октомври минатата година, падна на 20,35 отсто во јануари и 19,67 отсто во февруари, потсетува Анадолија.

Албајрак нагласи дека стапката ќе биде под планираната цел уште во новата економска програма на Турција објавена во септември минатата година.

Според програмата, целната стапка на инфлација во земјата за оваа година изнесува 15,9 отсто, 9,8 отсто за следната година и шест отсто за 2021 година.

– Турција ќе влезе во позитивен процес преку нови реформи, истакна турскиот министер.