Туристичкиот автобус ќе вози по нова рута

Туристичкиот двокатен автобус и натаму ќе поаѓа од Порта Македонија, а збирно место на туристите ќе биде Плоштад, местото каде се наоѓала куќата на Мајка Тереза. Автобусот од денеска ќе вози по нова рута.

Градоначалникот Петре Шилегов денеска најави дека новата рута ќе се реализира во рамки на „Сити тур бас“ (CITY TOUR  BUS) преку ЈСП Турс и истата има за цел да ги презентира сите културни и туристички знаменитости на Скопје, со акцент на богатството на културни и религиозни разлики, мулти-етничноста, Старата скопска чаршија со сите свои специфики од занаети до кулинарство, архитектурата на Кензо Танге поврзана со земјотресот и Скопје како град на солидарноста.

Од ЈСП појаснија дека автобусот ќе тргнува од Порта, а збирно место на туристите ќе биде просторот каде се наоѓала куќата на Мајка Тереза. Од Порта преку Бит пазар, позади факултетите ќе вози кон хотел „Континентал“, па долж МТВ и МАНУ ќе ги вози туристите до Стара железничка станица, па назад кон станицата пред Порта. Турата ќе трае околу 45 минути, односно до 2 часа за специјализирани, договорени тури со туристички групи.

Цената на билетот е 150 денари, наместо 35 денари, колку што чинеше во изминатите речиси 5 години. Цената практично е зголемена поради картичката „скопска“, при што на секој патник ќе му остане плус едно возење во јавниот превоз, а и картичката како сувенир. (Д.Т.Д.)