Тројца приведени за убиството во Чаир, пронајдено е и возилото од кое било пукано

Приведени се три лица осомничени за вчерашното убиство на момче во Чаир, информираше денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

– Работиме интензивно со групата на СВР Скопје и Обвинителството. Најдено е возилото „застава југо“ од кое е извршено убиството, како и 20 чаури и четири зрна, два мобилни телефона. Се разговара и со роднините, пријателите и луѓето кои биле во контакт со убиениот, истакна Спасовски при посетата на полицискиот центар за обука во Идризово.

Според него, се очекува во текот на истрагата да се дознаат мотивите на извршителот и да се обезбедат докази во однос на извршителот.

Министерот посочи дека овие настани не можат да се превенираат ниту со присуство на полицајците на улиците. Нивна работа, нагласи Спасовски, е да бидат експедитивни, а не селективни и да пристапуваат кон сите случаи ефикасно за нивното откривање.

Уште еднаш повтори дека полицијата работи на откривање и приведување на извршителите на убиствата кои се случија во изминатиот месец. Потсети дека се знае кој е убиецот на младиот Мартин Јанушев, но се работи на негово обезбедување, како и на откривање на убиствата во Струга и Чаир.